Има ли спас за македонскиот народ?

Договорите со Бугарија и со Грција го избришаа македонскиот народ како историска реалност на Балканот, а со законот за албанскиот јазик во историјата отиде и македонската држава. САД го најавија сето тоа како неизбежно веднаш по распадот на Југославија, ама никој не ги разбра. Се однесувавме како слепци: душманите ги третиравме како „партнери“ и нѐ стигна заслужената казна.

По распадот на Југославија, нашата досегашна држава единствена стана независна без војна; несебично настојуваше крвопролевањето да престане во другите делови; покажа невидена толеранција кон агресивните соседи… Но за возврат не доби ништо. Вашингтон не дозволи Македонија да биде прифатена како независна држава. Причините беа многу подлабоки од името, кое се злоупотреби како формална пречка. Дека е тоа апсолутно точно го потврдуваат трите најнови клучни настани, набројани на почетокот на овој текст, со кои се бришат Македонците како народ. Тие се финалето на трагедијата, со која живееме веќе четврт век, а која е поставена во американското сценарио од самиот почеток на независноста. Тоа, пак, не значи и крај на сите наши маки. При преговорите за прием во ЕУ нѐ чекаат жестоки негирања на остатоците од македонизмот (јазикот…). Тогаш ќе нѐ дотолчат. Мицотакис ја откри тајната. И, да не се залажуваме, воопшто не е случајно што паралелно одат разнебитувањето на македонскиот народ и федерализација на неговата држава: со еден потег се затвора „македонското прашање“, а се решава „албанското национално прашање“. Вашингтон е уверен дека така го смирува Балканот, а само ги раскопува старите рани.

Нема посериозни анализи на американската политика кон Македонија. Се зборува за грчка улога, за нивни блокади, вета…, што нема врска со реалноста. САД, главниот менаџер, никаде не се споменуваат. Остануваат сива еминенција. Тоа, пак, што кај нас нема ни обиди да се навлезе во суштината на спорот, не треба да чуди. Не нѐ бива. Не се мешаме ни во сопствените работи. Така беше и за време на претходната власт, која не беше подготвена на капитулација и предавство.

На почетокот на 1992-та, државниот секретар на САД, Џејмс Бејкер, го прашал во Белград претседателот на СР Југославија, Добрица Ќосиќ: Што мислите, колку ќе издржи Македонија? Тоа кажува сѐ и е клучна потврда дека името не беше причината зошто САД долго не ја признаваа нашата независност. Соседите секогаш знаат повеќе и Бејкер на самото место проверувал дали Македонија ќе преживее. Од тој аспект мора да се гледаат и долгите грчки блокади на нашата јужна граница, во услови кога беше затворена и северната (санкциите на ООН врз Белград). Никој не реагираше, а целта станува јасна – Македонија економски да се исцеди и уништи. Да не издржи, според Бејкер.

Меѓусебно признавање, дипломатски односи и размена на амбасадори меѓу државите е рутинска работа. Се разбира, доколку нема скриени намери. Нашето име во никој случај не можеше да биде пречка поради која САД ја признаа Македонија две години по Словенија, Хрватска и БиХ, три години по нив воспоставија дипломатски односи и дури по четири години испратија амбасадор во Скопје. Дека е тоа точно потврдува фактот дека Велика Британија, Германија, Франција… имаа амбасадори во Скопје околу 20 месеци по Загреб и Љубљана. И тие тактизираа и доцнеа, ама не четири години. Зошто Вашингтон би бил повеќе „загрижен“ за нашето име од европските земји и затоа да не испраќа амбасадор? Тоа само значи дека САД имале други интереси и калкулации. Бомбардирањето на Белград и независноста на Косово открија дел од нив. Приказната ја дораскажаа сега, кај нас.

Американските балкански политики ниту се ниту можат да бидат во функција на некакви грчки интереси. Вашингтон секогаш ги следи само сопствените, а туѓите се есапат само кога се совпаѓаат со нивните. Тоа се случи во оваа македонска трагедија и Грција многу доби. Максимално ја искористи коинциденцијата дека Македонија и Македонците треба да се уништат, бидејќи се пречка за целосно решавање на албанското национално прашање и практично создавање на голема Албанија, на што САД упорно работат повеќе од четврт век. Победата, меѓутоа, е Пирова. Долгорочно, Атина прескапо ќе го плати американското играње на албанска карта. Бришењето на Македонците како народ и албанизирањето на нивната држава ќе има несогледливи последици по интересите на Атина. Неверојатно е како тие не го согледуваат тоа?! Обединети, Албанците многу бргу ќе се „сетат“ на Чамирија и Чамите и мечката ќе заигра и кај нив. Бришењето на македонската држава и на Македонците никому во регионот нема да му донесе корист. Најмалку на Грција. Бргу ќе се увиди дека тие беа идеално решение за сите, без исклучок, ама ќе биде доцна. Проблемите ќе следуваат.
Деновиве („Вечер“, од 12 јануари 2019), премиерот Ципрас изјавил: „Неуспехот на Преспанскиот договор води во голема Албанија“! Точната оцена е сосема спротивна.

Токму договорот од Преспа, заедно со бугарскиот и со законот за албанскиот јазик, е клучен исчекор за големоалбанскиот проект. Откако ќе ги избришат Македонците и ќе се федерализира Македонија, нема да има пречки за целосна реализација на големоалбанскиот сон. Со тоа, Албанците ќе го постигнат максимумот и нема веќе да имаат потреба од нова американска помош. Ќе им се „одметнат“, нема да бидат на далечинско од Вашингтон и ќе ги мултиплицираат своите регионални амбиции, кои длабоко ќе навлегуваат и во Грција. Таму веќе има над милион доселени Албанци, кои ја држат мафијата и вртат големи пари, кои лесно можат да ги свртат во политиката и тероризмот. Албанците стануваат главен фактор на Балканот, свесни дека зад нив стојат интересите на САД. Границата меѓу Тирана и Приштина е веќе формалност, а Еди Рама и ќе ја укинува; криминалот одамна е во нивни раце (наркотици, оружје, проституција, емигранти…)… Ќе бидат моќни од секој аспект и Американците веќе нема да им бидат неопходни. Сѐ повеќе ќе тераат по свое. Главна жртва ќе биде Грција, ама и мирот во регионот. Во борбата за власт, меѓу Албанците владее огромна нетрпеливост, нема толеранција. Тоа неизбежно ќе води во сериозни конфронтации и дестабилизации на регионот.

По ратификацијата на договорот, Ципрас вели дека нашата држава, која со помош на други насилно ја прекрстија и го урнисаа македонскиот народ, ќе им била пријателска?! И да е тоа чист политички блеф, бесмислен е. Од денес, секој нормален Македонец ќе размислува како и со чија помош да се избришат овие неправди и срамни понижувања и да се врати сѐ како што беше. Ништо друго. Мицотакис веќе зборува за нови блокади, кои се веќе испланирани во САД…

Тоа е генезата на нашиот тежок историски пораз. Капитулиравме на недостоен, аматерски начин со катастрофални последици. Штетите се несогледливи, ама тоа не мора да значи дека нашиот македонизам е дефинитивно мртов. Ние сме како пиреј. И досега многу што зависеше од нас, и вината за тоа што ни се случи во голема мера е наша. Но ако се помириме со трагедијата што ја доживеавме и не преземеме ништо да се вратиме како феникс повторно во живот, подобра судбина и не сме заслужиле. Оваа власт е донесена на сцената за да се реализира претходното сценарио. Народот не се покажа многу агилен во спречувањето на нејзините погубни и предавнички политики. Сега треба што поскоро да се оди на нови парламентарни избори и народот да го кажи своето. Ако тој ѝ даде поддршка на власта и ја валоризира нејзината самоуништувачка политика, тогаш нема што да бараме. Го добивме заслуженото. Меѓутоа, ако народот одлучно каже НЕ! на овие бесрамни и безобѕирни американски политики спроведени од наши квислинзи, тогаш новата власт треба веднаш да започне со соодветни процедури: за враќање на уставноста и законитоста во земјата; да ги земе на одговорност сите узурпатори на нашите фундаментални интереси и права; да започне процес на ревизија или откажување на наметнатите недостојни договори, како и на законот за албанскиот јазик. Ништо не е дефинитивно завршено ако не е коректно направено, рекол американскиот претседател Линколн пред многу години. Тоа апсолутно важи за нашиов случај и треба да го послушаме во исправање на неправдите што ни беа нелегално наметнати.

Во меѓувреме, неколкуте бугарски телевизии на народна музика продолжуваат да емитуваат таму новокомпонирани песни на чист македонски јазик, како и други наши народни песни и ора – како бугарски. Секоја втора или трета е таква. Ние молчиме, а тие создаваат докази дека македонскиот јазик е дијалект на нивниот, а ние неразбудени „Б’лгари“. А имаме договор за пријателство…, кое Заев го велича.

Којзнае по кој пат, топката е во нашиот двор. Досега многупати или не ја видовме или ја утнавме. Сега, веќе немаме избор: или ќе се избориме за тоа што универзално ни припаѓа, да постоиме и да бидеме тоа што сме, или прифаќаме официјално веќе да нѐ нема како македонски народ. Дали ќе се најдат и јават правите јунаци, ќе видиме.
Се чини дека само конституирање на трета политичка опција, ослободена од лични и партиски интереси, може Македонија и македонскиот народ да ги врати во 21 век. Тоа е тешка задача, голем предизвик, ама нема индикатори дека меѓу постојните политички субјекти има капацитети за таков пресврт во македонските политики. Без да покажеме дека сме достојни како народ да се соочиме со предизвиците што ни се наметнати од главните светски фактори, немаме шанси да се исправат направените историски грешки.

Од нас зависи дали ќе опстанеме. Ние сме на потег.

(авторот е поранешен дипломат)